Лидерите на опозициските проевропски демократски партии, кои на изборите на 15 октомври во Полска го освоија мнозинството во двата дома на парламентот, во вторникот најавија дека заедно ќе формираат влада и како свој кандидат на претседателот на Полска, Анджеј Дуда, му го предлагаат поранешниот премиер, некогашниот претседател на Европскиот совет, лидерот на Граѓанската коалиција Доналд Туск.

„Како лидери на опозицијата ја потврдивме нашата подготвеност за соработка и создавање парламентарно мнозинство. Денешната декларација ќе го смири претседателот и ќе му ја олесни задачата. Подготвени сме да формираме влада“, рече Туск.

Туск, како лидер на најсилната опозициска партија, либералната Граѓанска коалиција, Шимон Холовнијаи и Владислав Косињак-Камиш како лидери на центристичкиот Трет пат и лидерот на Новата левица, Влоџимиерс Чарзасти, заедно се појавија пред медиумите за да упатат апел до Дуда да не одолговлекува до 14 ноември, кога истекува рокот до кога парламентот треба да заседава на ново свикување, туку што поскоро да свика седница на Сејмот, Долниот дом на парламентот, пренесува „Бета“.

„Партијата Право и Правда потроши осум години од нашите животи. Наместо да не однесете во иднината каде што ќе живеат нашите деца, вие не вративте 50 години назад. Затоа апелираме до претседателот Дуда да не губи уште една секунда од нашето време. Нема што да чекате, мнозинството треба да формира влада“, рече Холовнијаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.