Неформалниот самит на европската политичка заедница во Гранада, Шпанија, заврши неуспешно вчера, бидејќи лидерите на речиси 50 земји и највисоките претставници на ЕУ не успеаја да постигнат значителен напредок кон решавање на конфликтите на прагот на Европа, пишува бриселскиот портал Политико.

„Чувството на бесполезност“ на неформалниот самит кулминираше кога Шпанија како домаќин во последен момент ја откажа планираната прес-конференција, која ја очекуваа дури 700 новинари, пишува бриселскиот портал.

Шпанија, која претседава со Европската унија, не објасни зошто е откажана прес-конференцијата на која требаше и формално да и го предаде управувањето со европската политичка заедница на Велика Британија.

Недостатокот на ентузијазам на лидерите за самитот беше очигледен уште од утрото, кога многу учесници не беа подготвени да им се обратат на многуте новинари кои ги чекаа, пишува Политико.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони помина покрај новинарите разговарајќи на нејзиниот мобилен телефон, а пред медиумите не се обратија ниту германскиот канцелар Олаф Шолц, ниту британскиот премиер Риши Сунак.

Третиот самит на Европската политичка заедница, платформа која ја смисли францускиот претседател Емануел Макрон, советниците го одбележаа како можност за посредување меѓу Ерменија и Азербејџан, за деескалација на тензиите на Балканот и за стратешка дискусија за европската безбедност.

Лидерите беа обединети во нивната поддршка за Украина и нејзиниот претседател Володимир Зеленски, но не успеаја да постигнат напредок кога станува збор за други конфликти.

Тие се надеваа дека Гранада ќе биде домаќин на првата средба меѓу азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан откако Азербејџан започна офанзива во Нагорно-Карабах, што доведе до егзодус на повеќе од 100.000 ерменски бегалци од тој азербејџански регион.

Сепак, надежите дека ќе бидат преземени чекори за ставање крај на хуманитарната криза во Нагорно-Карабах беа уништени кога и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган одлучија да не присуствуваат на самитот. Азербејџан ја обвини Франција за пристрасност во преговорите и се согласи да разговара само со посредство на ЕУ во Брисел.

Кон крајот на денот, Макрон им рече на новинарите дека, заедно со зајакнувањето на соработката во борбата против кибер криминалот, разговорите за Ерменија се доказ дека самитот бил корисен, иако се одржале без другата страна, Азербејџан, додава Политико



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.