Лидерите на државите членки на групата „BRICS“ се состануваат денеска во Јужноафриканската Република додека здружувањето на растечките економии настојува да се наметне како противтежа на доминацијата на Западот во глобалните прашања.
Таканаречените земји на „BRICS“, Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, сочинуваат четвртина од светската економија, а пред нивниот тридневен самит во Јоханесбург, пораснал интересот за приклучување на други земји.
Безбедноста е зголемена ширум градот каде јужноафриканскиот претседател Кирил Рамапоса ќе ги прими кинескиот колега Ши Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди, бразилскиот шеф на државата Луиз Инасио Лула да Силва и 50-тина други лидери.
Рускиот претседател Владимир Путин, за кого е распишана меѓународна потерница поради воени злосторства, нема лично да присуствува на состанокот на врвот, туку го пратил министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Претставувајќи 40 проценти до светското население на три континенти, со економии на различни степени на развој, „BRICS“ ја спојува заедничката желба за светски поредок за кој земјите членки сметаат дека подобро одговара на нивните интереси и растечката сила.
Тема на нивниот 15-ти самит e „БРИКС и Африка“, а се одвива во време кога континентот повторно се покажува како дипломатско бојно поле меѓу САД, Русија и Кина, кои се борат за економско и дипломатско влијание.
Рамапоса веќе пред почетокот на состанокот рекол дека неговата земја нема да биде вовлечена во натпреварувањето меѓу глобалните сили и силно ја потврдил долгорочната јужноафриканска политика на неврзаност.
Ќе ја повикаме меѓународната заедница повторно да се сконцентрира на прашањата за развој, ќе ја набљудуваме поголемата улога на механизмот за соработка и глобално управување на „BRICS“ и ќе го зајакнеме гласот на организацијата – рекол кинескиот претседател Ши во статија објавена во еден јужноафрикански медиум во понеделникот.
Расте интересот за блокот, кој започнал со здружување на четири земји во 2009-та година, но следната година се проширил кога му се приклучила Јужноафриканската Република. Пред самитот, најмалку 40 држави изразиле интерес за приклучување, вклучувајќи ги Иран, Саудиска Арабија, Бангладеш и Аргентина, велат службениците.
Јужноафриканската Република на лидерите на групата ќе им претстави предлог за проширување на членството, а одлука по тоа прашање се очекува на затворањето на самитот.
Меѓутоа, аналитичарите се внимателни. Прашањето за проширувањето на „BRICS“ го поделило блокот, а посебно двете најбројни членки, Кина и Индија.
Кина е склона кон брзо зголемување на бројот на членки на „BRICS“ и проширување на нејзиното влијание, но набљудувачите тврдат дека Индија нема доверба во намерите на нејзиниот регионален ривал.
Можното понатамошно проширување ќе го разгледаме во текот на годините, а одлуката нема да биде донесена на самитот за да се добие на време – смета Џени Росов, професор по глобална политичка економија на Универзитетот Витватерсранд во Јоханесбург.
„BRICS“ делува на основа на консензус, што претставува поголема препрека во донесувањето на одлуките, рекол Џеки Килерс, основач на Институтот за безбедносни студии (ISS).
Долгорочно, мојот став е дека неизбежноста на кинеско-индискиот ривалитет е поголем предизвик со кој „BRICS“ во некој момент ќе мора да се соочи, рекол тој за „AFP“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.