Хуанита Кастро, помладата сестра на поранешните кубански лидери Фидел и Раул, на кои им се спротивставуваше со децении, почина на 91-годишна возраст во Мајами, каде што живееше во егзил, соопштија извори блиски до нејзиното семејство.

Почина Хуанита Кастро, извонредна жена, неуморен борец за Куба што толку многу ја сакаше, објави на Инстаграм Марија Антониета Колинс, која беше уредник на нејзините мемоари.

Хуанита Кастро ја напушти Куба во 1964 година, откако се скара со нејзините браќа Фидел, кој почина во Хавана во 2016 година, и Раул поради несогласувања околу насоката на Кубанската револуција во 1959 година.

Во егзил во Мајами, таа јавно ја осуди политиката на нејзините браќа на чело на Куба. Според неа, таа соработувала со американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), под псевдонимот Дона.

Хуанита Кастро отвори аптека во Мајами и таму работеше со децении.

Во мемоарите под наслов „Фидел и Раул, моите браќа, тајна историја“, таа напиша дека имала потешкотии да се помири со тоа што е сестра на комунистички лидери и дека припаѓа на заедница на прогонети Кубанци во Флорида.

Без сомнение, јас страдав повеќе од останатото прогонето население. За оние во Куба, јас сум дезертер затоа што заминав и го осудив режимот. За многумина во Мајами, јас сум персона нон грата бидејќи сум сестра на Фидел и Раул, напиша таа.

Според локалните медиуми во Флорида, Хуанита Касто починала од природна смрт во болница во Мајами.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.