Американската сојузна држава Мејн го дисквалификуваше Доналд Трамп за кандидирање за претседател на САД следната година, со што по Колорадо, стана втората сојузна држава што му забрани кандидатура на поранешниот претседател поради неговата улога во нападот врз Капитолот на САД на 6 јануари 2021. Државната секретарка на Мејн, Шена Белоус, демократ, заклучи дека Трамп, фаворит за номинација како кандидат на Републиканската партија, поттикнал бунт кога ширел лажни тврдења за измама на гласачите на изборите во 2020, а потоа ги повикал своите поддржувачи да маршираат кон Капитол до ги спречи пратениците да го потврдат гласањето.

Уставот на САД не толерира напад врз темелите на нашата влада, напиша Белоус во пресудата на 34 страници.

Одлуката може да се обжали до државниот Врховен суд, а Белоус ја суспендираше својата одлука додека судот не донесе одлука за ова прашање.

Кампањата на Трамп соопшти дека брзо ќе поднесе приговор за „грозоморната“ одлука. Адвокатите на Трамп оспорија дека тој учествувал во бунт и тврдеа дека неговите забелешки до поддржувачите на денот на бунтот во 2021 биле заштитени со неговото право на слобода на говор.

Одлуката уследи откако група поранешни пратеници од Мејн рекоа дека Трамп треба да биде дисквалификуван врз основа на одредба од Уставот на САД со која им се забранува на луѓето да извршуваат функција доколку учествуваат во „бунт или напад“ откако претходно положиле заклетва на САД. Одлуката се однесува само на првичните партиски избори за кандидат во Мејн во март, но може да влијае на статусот на Трамп за општите избори во ноември. Пресудата најверојатно ќе го зголеми притисокот врз Врховниот суд на САД да ги реши прашањата за подобноста на Трамп на национално ниво според уставната одредба позната како Дел 3 од 14-тиот амандман. Конзервативното мнозинство на судот со 6-3 вклучува тројца судии номинирани од Трамп.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.