Дали ви беше прескапо да плаќате осум евра месечно за X Premium? Платформата на Маск сега нуди уште две нивоа на претплата, едното за три, а другото за дури 16 евра месечно, со различни достапни функции.

Продолжуваат обидите на X (поранешен Twitter) да префрли што е можно повеќе свои корисници на еден од платените начини на користење. По контроверзната платена програма за верификација Twitter Blue, која сега се нарекува X Premium и чини осум евра месечно, социјалната мрежа и нејзиниот сопственик Илон Маск смислија уште неколку начини како да зграпчат пари.

Неодамна започнаа платена програма за отворање на сите нови сметки, која важи за Нов Зеланд и Филипини, а чини еден долар годишно. Таа има за цел да го намали количеството на спам и ботови.

Сега се реализира уште една неодамнешна објава на Маск – се проширува понудата на достапни претплатни пакети. Покрај постоечкиот X Premium за осум евра месечно, корисниците сега добиваат и поевтин, по цена од три евра, како и двојно поскап претплатен пакет. Во зависност од цената се менуваат и поволностите што ги нуди секој претплатен пакет.

X Basic

Основниот пакет Basic ако го купите преку десктоп верзија чини три евра месечно или 32 евра годишно. Им овозможува на претплатниците да пост-уредуваат објави, да објавуваат подолги објави и видеа, да преземаат видеа, да слушаат содржини со исклучен екран на телефонот, како и одредени опции за персонализација (од иконата на апликацијата до криење на сопствените допаѓања и слично). Овој претплатен пакет не бара проверка на идентитетот, а претплатниците на него на X нема да имаат видлив „син беџ“.

X Premium

Средниот пакет, по цена од осум евра месечно или 84 евра годишно, останува како што беше. Значи, нуди се што нуди Basic, но носи и проверка за верификација, покажува помалку реклами на платформата, нуди поголема видливост на објавите, како и можност за заработка од објави (за професионални создавачи на содржина).

X Premium+

Најскапиот пакет сега чини 16 евра месечно или 168 евра годишно. Само уште две поволности се додадени во пакетот Premium: подобра видливост на објавите и целосно отстранување на рекламите од прикажувањето на содржината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.