На заедничка свечена седница на двата дома на Парламентот во замокот Храдчани во Прага, новиот чешки претседател, генералот во пензија Петр Павел (61) положи заклетва и го почна петгодишниот мандат.

Излеговте на избирачките места за да кажете доволно за хаосот и да го отворите патот на волјата заедно да бараме решенија. Благодарение на вас можеме да придонесеме за политиката на вредности. Благодарение на вас, вистината повторно победи. Сите сме тим. И луѓето кои гласаа за мене, но и оние кои не гласаа или не излегоа на избори, изјави Павел во својот говор по полагањето заклетва.

Новиот претседател истакна дека сака да се вратат достоинството, почитта и пристојноста кај функционерите и во политиката, додека, како што рече, успехот досега бил главен критериум во Чешка.

Успех без разлика на која цена или на чија сметка. За жал, тоа го истакнаа и највисоките претставници на државата. Популистите го освоија просторот, рече Павел.

И во земјата и на меѓународната сцена, новиот претседател го критикуваше раширеното чувство дека Чешка е премногу мала за нејзиниот глас да се слушне во светот или е премногу слаба за да го промени ставот на посилните партнери.

Тоа чувство можеби доаѓа од фактот дека историјата честопати не била љубезна кон нас. Сакам заедно да ја надминеме таа сенка. Да не ги комплицираме едноставните работи, да не создаваме пречки за да не правиме ништо. Да не чекаме големите земји да смислат решение. Каде пишува дека најпаметни се најголемите, рече Павел.

Новиот чешки претседател предупреди и дека единствениот глас на Централна Европа ќе биде важен за помош на Украина.

Павел на Чесите им вети дека ќе продолжи со редовните посети на сите региони во државата за директно да слушне од народот што ги мачи и какви решенија предлагаат, а најави дека наскоро ќе објави и конкретен план за акција во првите 100 дена.

Во чест на претседателот Павел, чија страст и хоби се моторите, низ Прага помина поворка од 150 мотоциклисти од различни делови на Чешка, а Чесите ја следеа заклетвата на големите екрани во самиот замок.

Павел е поранешен началник на Генералштабот, а подоцна и втор човек на НАТО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.