Речиси пет милиони пчели умреле откако биле оставени на жешкиот асфалт во Атланта, а требало да бидат испратени до Алјаска.

Пчеларите на кои требало да им бидат доставени инсектите истакнуваат дека станува збор за огромна загуба. Меѓу нив е и пчеларката Сара МекЕлреа, која изјавила дека бил сменет летот на кој „Делта ерлајнс“ требало да превезува пчели.

Тие биле пренесени во Атланта, а потоа требало да бидат пренесени во Анкгориџ, Алјаска. МекЕлреа била информирана ден по пратката дека дел од пчелите избегале од кошниците. Тогаш сите кошници биле оставени надвор.

Навистина ме фати паника кога ме известија дека се оставени надвор бидејќи пчелните феромони привлекуваат други пчели кои се веќе во областа – вели МекЕлреа, додавајќи дека авиокомпанијата одбила да ги стави кошниците во авионот.

Таа стапила во контакт со пчеларот Едвард Морган од Атланта кој отишол на аеродромот за да провери во каква состојба се пчелите. Морган ја известил дека починале поради високата температура на асфалтот.

„Делта“ соопшти дека контактирале со клиентите и им се извиниле, пишува „Индипендент“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.