Јужна и Источна Европа се подготвуваат за рекордни температури. Делови од Италија би можеле да достигнат температури до 48 степени Целзиусови, што предизвикува страв од зголемување на смртните случаи поврзани со горештините.

Во Хрватска, Франција, Грција, Шпанија и Турција може да се очекува температурите да достигнат и 40 Целзиусови степени.

Метеоролозите велат дека на порастот на температурата влијаел антициклонот наречен Кербер. Оваа област со висок притисок започна во Сахара пред да се пресели низ Северна Африка, а потоа да стигне до Медитеранот.

Италијанските острови Сардинија и Сицилија би можеле да достигнат температура од 48 степени Целзиусови во наредните денови, а рекордот го држи август 2021 година, кога температурата на Сицилија изнесувашеа 48,8 степени Целзиусови, што е највисока температура досега забележана во Европа.

Рим, Болоња и Фиренца се меѓу 10-те италијански градови кои во моментов се под црвена метеоролошка тревога поради екстремните горештини.

Шпанската метеоролошка служба објави дека термометрите би можеле да достигнат температура од 45°C. Во Грција се предвидува топлотен бран во наредните денови во некои делови од земјата да доведе до температури до 44°C.

Властите го забранија пристапот до природните резервати и шумите за да го намалат ризикот од шумски пожари, додека општините отворија климатизирани простори во јавните згради за да ги задржат луѓето од топлината.

Температурите на Кипар исто така може да се искачат до 42°C, додека Србија и Романија во понеделник би можеле да се соочат со 39°C. Делови од Хрватска до крајот на неделата очекуваат 38°C, а во Франција 37°C.

Високи температури кои достигнаа до 42°C се забележани и во нашата земја во последните денови, а прогнозите покажуваат дека топлото време со температури над 35 Целзиусови степени ќе продолжи и во наредните денови.

Агенцијата на ОН предупреди дека има 90% шанси Ел Нино да продолжи до крајот на годината со умерена или поголема сила.

Овој глобален временски феномен се случува кога водите на Тихиот Океан стануваат многу потопли од вообичаеното.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.