Државјаните на Луксембург денеска го избираат новиот состав на 60-челниот Парламент на земјата, на кои се очекува најмногу гласови да освои опозициската Христијанско социјална народна партија (ЦСВ), но и трипартиската „Гамбија“ владина коалиција на премиерот Ксавиер Бетел да го задржи тесното парламентарно мнозинство, што отвора неколку опции за формирање на идната влада на земјата.

Гласањето на парламентарните избори во Луксембург е задолжително за сите полнолетни луксембуршки државјани на возраст до 75 години. Странците кои живеат во земјата можат да гласаат на локални и на избори за членови на Европскиот парламент, но не и на парламентарните избори.

Последната анкета на јавното мислење, спроведена кон средината на август, покажува дека ЦСВ може да се надева на нешто над 28 проценти од гласовите, пред трите владејачки партии – Социјалистичката работничка партија на Луксембург (ЛСАП) со околу 20 отсто, либералната Демократска партија (ДП) со 17,5 и Зелените (ДГ) со нешто под 11 проценти. Изборниот праг би го минале уште и левичарската популистичка Пиратска парија на Луксембург (ППЛУ) со околу 10 отсто гласови, десничарската Алтернативна демократска реформска партија (АДР) со околу седум проценти и партијата Левица (ДЛ) со пет отсто. Останатите пет партии учеснички на изборите имаат поддршка од под еден процент.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на локалните избори во јуни годинава, ЦСВ освои 23,06 отсто од гласовите, ЛСАП – 21,3, ДП – 20,64, ДГ – 12,69, ППЛУ – 3,98, а АДР и ДЛ по 3,22 проценти од гласовите.

Прогнозите се дека ЦСВ на денешните избори ќе освои 19 пратеници, ЛСАП 13, ДП 11, ДГ 7, Пиратите 5, АДР 3 и Левицата 2 места во Парламентот. Ова би значело дека трите партии од владината „Гамбија“ (црвено–сино–зелена) коалиција би освоиле 31 пратеник што е доволно за неопходното парламентарно мнозинство. Трите партии и во досегашниот парламентарен состав има мнозинство од 31 пратеник – демократите 12, социјалистите 10 и зелените 9.

Но, дури и актуелната владина коалиција да го задржи мнозинството, многу веројатно Луксембург ќе добие нов премиер, бидејќи ако ЛСАП освои повеќе пратеници од ДП на Бетел, тогаш веројатно ќе инсистира да го даде идниот прв човек на Владата. Во такви услови, неизвесно е дали Бетел, кој веќе во втор мандат ја извршува премиерската функција, би се согласил „да седне на совозачкото седиште“, што би ја отворила можноста и за рекомпозиција на владината коалиција.

Луксембуршкиот премиер, Ксавие Бетел, најави нови построги мерки против коронавирусот откако во оваа земја почна повторно да расте бројот на заразени.

Тоа евентуално би можело да го отвори патот до премиерската столица за Лук Фриден, поранешен министер за финансии и лидер на конзервативната Христијанско социјална народна партија (ЦСВ), која со децении е доминантна политичка сила во Луксембург, но во изминатите години се соочува со континуиран пад на популарноста и се очекува на денешните избори да го оствари историски најлошиот изборен резултат. Но, ЦСВ победуваше и на претходните два изборни циклуси, па сепак не успеваше да најде коалициски партнери за формирање влада.

Од друга страна, Пиратската партија на Луксембург, формирана во 2009 година, се очекува да го оствари својот најдобар изборен резултат во својата куса историја и првпат на едни избори да има двоцифрен процент на гласови, што би ја ставило во позиција и да влијае на формирањето на новата влада.

Во такви услови се очекува уште вечерва по соопштувањето на првите резултати да започне трката по коалициски партнери и обезбедувањето на неопходните 31 пратеник за мнозинство во Парламентот.

Професорот по политички науки на Универзитетот во Луксембург, Филип Поаре смета дека во услови на зголемена политичка поларизација, клучна улога во формирањето на новата влада би можеле да одиграат помалите партии.

Овие партии во суштина не се екстремистички, но тие го критикуваат функционирањето на системот, изјави Поаре за „Политико“.

Според него, изборниот резултат на малите партии би можел да биде клучен за ставање крај на сегашната коалиција на либералите, социјалистите и зелените и да влијае на тоа дали новата влада ќе биде составена од две или три партии.

Кристоф Хансен од ЦСВ, пак, смета дека неговата партија како очекуван победник на изборите би требало прва да ја добие шансата да формира влада. Тој нагласува дека не е исклучено на ЦСВ да и биде потребен само еден партнер за обезбедување мнозинство – ЛСАП или ДП, со што би се добила двопартиска Влада, која, според него, би била пофункционалнa од досегашната „Гамбија“ коалиција.

Постои јасна предност ако имаме коалиција само со еден партнер, бидејќи е полесно да се најдат конструктивни компромиси кои навистина ќе ги движат работите напред. Сегашната коалиција од три партии влече во спротивни насоки за клучните прашања, изјави Хансен.

Дури и да дојде до смена на владината коалиција, тоа речиси сигурно нема да ја промени позицијата на Луксембург во однос на внатрешните случувања во ЕУ или поддршката за Украина, но од неа сепак ќе зависи кој ќе биде следниот луксембуршки еврокомесар.

Актуелниот луксембуршки член на Европската комисија, еврокомесарот за работни места и социјални права Николас Шмит доаѓа од редовите на ЛСАП и ако неговата партија не биде членка на идната Влада, тој сигурно нема да остане во Брисел за следниот петгодишен мандат на ЕК. Иако има 70 години, Шмит не ја отфрла можноста за задржување на функцијата, па така неодамна во интервју за РТЛ на прашањето за негов евентуален втор мандат во Еврокомисијата, тој одговори дека „никогаш немал вистински план во својот живот“.

Но, и конзервативците доколку ја предводат новата Влада, сигурно дека ќе сакаат да го добијат еврокомесарското место.

Од друга страна, во игра е и опцијата доколку ја напушти премиерската функција, Бетел да биде идниот еврокомесар од Луксембург или да добие некоја друга висока позиција во следниот мандат на институции на ЕУ.

Сепак и покрај неколкуте можни опции за идната владина коалиција, се очекува веќе до следниот Самит на ЕУ во декември да се знае кој ќе биде претставникот на Луксембург на заедничката маса во Европскиот совет, имајќи предвид дека земјата нема традиција на долги преговори за формирање Влада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.