Папата Франциско пристигна во Индонезија, првата станица од неговото најдолго патување надвор од Ватикан, при што во следните 12 дена ќе посети четири земји во Југоисточна Азија и Океанија, јавуваат агенциите.

87-годишниот поглавар на Римокатоличката црква пристигна во Џакарта по повеќе од 13 часа патување од Рим со специјален лет на италијанската компанија ИТА Ервејс.

Со повеќе од 240 милиони муслимани, Индонезија е најнаселената муслиманска земја во светот, а по Џакарта следуваат посети на Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур, а од четирите земји што ќе ги посети папата, само во Источен Тимор мнозинството од населението се изјаснуваат како католици.

45-тото патување на папата во странство во текот на 11-те години од неговиот понтификат ќе биде особено посветено на афирмацијата на мирниот соживот меѓу различните религии, објави претходно Ватикан.

На оваа турнеја папата Франциско ќе помине вкупно повеќе од 30.000 километри со авион, а се очекува да се врати во Рим на 13 септември.

Со оглед на возраста и здравјето на папата, кој сега често користи инвалидска количка, паузите меѓу неговите патувања во странство станаа подолги.

Последното големо патување на папата во странство беше пред една година, кога ја посети Монголија.

Посетата на Луксембург и Белгија е негово следно патување во странство кон крајот на овој месец.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.