Папата Франциск апелира да се направат сите напори за да се избегне хуманитарна катастрофа во Појасот Газа и изрази загриженост поради ризикот од проширување на конфликтот помеѓу Израел и Хамас.

Жртвите се зголемуваат, а ситуацијата во Газа е очајна. Ве молиме направете сè што е можно за да избегнете хуманитарна катастрофа, истакна поглаварот на Римокатоличката црква.

Тој експлицитно не ја спомна синоќешната експлозија што ја урна болницата во Газа, при што загинаа стотици луѓе.

Можното проширување на конфликтот е загрижувачко, додека во светот веќе се отворени толку многу фронтови. Нека замолкне оружјето, нека се слушне крикот за мир на сиромашните, на луѓето, на децата. Војната не решава никакви проблеми, таа само шири смрт и уништување. Ја зголемува омразата, ја умножува одмаздата. Војната ја брише иднината, истакна папата Франциск.

Тој говорејќи пред илјадници луѓе на плоштадот Свети Петар во Ватикан додаде: „Ги повикувам верниците да заземат само една страна во овој конфликт – онаа на мирот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.