Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, ризикуваше во средата да го предизвика гневот на сопствениците на разни животинки ширум светот, сугерирајќи дека луѓето кои ги заменуваат децата со домашни миленичиња искажуваат „одредена себичност“.

Зборувајќи за родителството во текот на општата аудиенција во Ватикан, папата изрази жалење што домашните миленици „понекогаш го заземаат местото на децата“ во општеството.

Денес… гледаме облик на себичност. Гледаме дека некои луѓе не сакаат да имаат дете. Понекогаш имаат едно, и тоа е тоа, но имаат кучиња и мачки кои ги заменуваат децата. Ова може да ги насмее луѓето, но тоа е стварноста, забележа папата Франциск.

Практика е, продолжи поглаварот на католичката заедница од 1,3 милијариди луѓе во светот, „отфрлањето на татковското и мајчинството и нѐ смалува, ни ја одзема човечноста“.

Значи, „цивилизацијата старее без човечност, бидејќи го губиме богатството на татковството и мајчинството, а земјата е таа која пати“, рече папата Франциск во салата именувана по еден од неговите претходници во Светата столица, папата Павле Шести.

Папата Франциск во минатото беше фотографиран како гали кучиња, дозволи јагне да му се префрли преку рамото во текот на Богојавление во 2014-та, а дури галеше и тигар и младенче од пантер. Но додека неговиот непосреден претходник Бенедикт Шеснаесетти беше љубител на мачките, не е познато дали Франциск има домашен миленик во својата ватиканска резиденција.

Папата Франциск во 2014 година за дневниот весник Il Messaggero рече дека да се има домашни миленичиња наместо деца претставува „уште еден феномен на културната деградација“, како и дека емоционалниот однос со домашните миленичиња е „полесен“ од „сложениот“ однос меѓу родителите и децата.

Во средата, пак, папата повикувајќи ги двојките кои од биолошки причини не можат да имаат деца да размислат за посвојување, ги повика потенцијалните родители да „не се плашат“.

„Да се има деца секогаш е ризик, но поголем е ризикот во тоа да немаш деца, со отфрлање на татковството“.

Аргентинскиот понтификс во минатото ја осудуваше „демографската зима“ или падот на наталитетот во развиениот свет. На почетокот од годинава го критикуваше модерното општество во коешто кариерата и заработката на многумина им се адут во градењето на семејството, нарекувајќи го таквиот менталитет „гангрена за општеството“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.