Трет ден од руските напади врз Украина. Сепак и покрај засилените напади војската на Путин наиде на силен отпор и се уште не може да навлезе во Киев. Жителите на главниот град поминаа уште една непроспиена ноќ.

Силна експлозија ги вознемири станарите во оваа зграда од предградието на градот.

„Ние продолжуваме да трагаме по повредени жители, а досега најдовме шестмина. Имаше пожар на два ката. Осумдесет жители се евакуирани“, рече Пјетро Прокопов – пожарникар

Жртви нема, но има повредени, а меѓу нив и деца, информира градоначалникот Кличко, додавајќи дека ќе го засили полицискиот час, а сите што ќе се најдат на улиците ќе се сметаат за непријатели.

„Сега во Киев дејствуваат субверзивни групи, имаше неколку судири и престрелки. До 6 часот изутрината се ранети 35 лица, меѓу кои и две деца. Ги молам сите да бидат смирени и да останат во засолништата. Непријателот ќе нападне од воздух“, рече Виталиј Кличко – градоначалник на Киев

Од друга страна, руското Министерство за одбрана негира дека цел им биле цивилни објекти.

„Дозволете ми повторно да подвлечам дека наша цел се само воените објекти на украинските вооружени сили и исклучуваме оштетувања на станбени и јавни објекти“, рече Игор Конашенков – портпарол на руското Министерство за одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пак истакна дека непријателот со ракети уништува станбени комплекси и најави дека наскоро ќе објави детали како секој заинтересиран ќе може да и се приклучи на украинската војска, порачувајќи „Ние ќе победиме!“.

„Секој кој може да се врати во Украина, нека дојде да ја брани Украина. Ќе имаме многу работа повторно да ја изградиме. Секој што може да ја одбрани Украина од надвор, нека го прави тоа постојано, упорно и во заедништво. Сите пријатели на Украина кои сакаат да се придружат на одбраната, дојдете и ние ќе ви дадеме оружје“, рече Володимир Зеленски – претседател на Украина

И покрај руските информации дека се заземени градовите Бахмутовка и Гречишкино, на истокот на Украина и во регионот на Донбас продолжува да се води жестока битка.

Украинското министерство за здравство соопшти дека убиени се 198 Украинци, меѓу нив и две деца, додека пак Министерството за одбрана дека непријателот „изгубил“ над 2.800 војници. Од Москва нема потврда за овие податоци. Руските власти информираат дека уништиле 14 воени аеродроми, 19 командни центри, 48 тенкови. Според информации на британското разузнавање руските жртви ќе бидат поголеми од очекувањата на Кремљ, а ефикасноста на руските воздухопловни сили допрва ќе биде намалена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.