Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека имал состанок посветен на безбедносната и хуманитарната ситуација во руската област Курск, каде што украинската армија спроведува невидена досега трансгранична офанзива.

„Безбедност, хуманитарна помош, воспоставување воена администрација ако е потребно“, напиша Зеленски на „Телеграм“, објавувајќи видео од состанокот со високи претставници од Киев.

Во меѓувреме, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук објави дека Киев планира да отвори коридори за евакуација на цивили од руската област Курск кон Украина и обратно. Таа додаде дека ќе се организираат хуманитарни мисии за поддршка на локалното население и ќе се обезбеди пристап до областа на меѓународни хуманитарни организации.

Верешчук, исто така, изјави дека Украина создава „зона на безбедност“ во Курск за да ги реализира овие намери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.