Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се очекува денеска да пристигне во дводневна официјална посета на Грузија, но тој „не ја претставува Европската Унија“, нагласи високиот претставник на Европската Унија,  Жозеп Борел, цитиран од француските медиуми.

– Орбан денеска оди во Грузија… без сомнение да ја покаже својата поддршка за грузиската Влада. Што и да каже Орбан за време на неговата посета, тој не ја претставува Европската Унија – рече Борел во интервју за шпанското јавно радио.

Проевропската грузиска опозиција денеска повикува на демонстрации за да ги осуди објавените резултати од парламентарните избори кои, според неа, биле „украдени“ од владејачката партија. Претседателката Саломе Зурабишвили дури изјави дека станува збор за „специјална руска операција“, забележуваат француските медиуми.

 

– Вршителот на должноста претседател на Европската Унија нема надлежности во областа на надворешната политика – нагласи Борел, изразувајќи ја зголемената недоверба на Брисел кон шефот на унгарската Влада која претседава со ЕУ во овој шестмесечен ротациски мандат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.