Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска поднесе уставен амандман со кој ќе се спречи помилување на осудените за злосторства против малолетници, додавајќи дека негово лично убедување е дека „не смее да има милост за педофилите“.

Тој рече дека е започната дебата за овластувањата на претседателските помилувања, додавајќи: „сега не е потребно ние да бидеме адвокати, туку работите да се утврдат јасно и недвосмислено“, пренесе агенцијата „МТИ“.

Орбан го поднесе амандманот откако опозициските партии во Унгарија го зголемија притисокот врз претседателката на земјата, Каталин Новак, со порака дека повеќе не е способна да ја извршува претседателската функција откако минатата година го помилува поранешниот заменик директор на државниот дом за деца, кој беше осуден на повеќе од три години затвор за помагање во прикривање на случај на сексуална злоупотреба извршена од директорот на таа институција, кој и самиот е осуден на осум години за злоупотреба на најмалку десет деца во периодот од 2004 до 2016 година, наведува АП.

Новак, која го помилуваше тоа лице заедно со уште дваесетина други по повод посетата на папата Франциско на Унгарија во април 2023 година, негираше дека таа постапила неправилно и ги отфрли повиците за формално објаснување на нејзината одлука.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.