Опозициската Граѓанска коалиција (КО) ќе го предложи поранешниот шеф на Европскиот совет и поранешен премиер Доналд Туск за премиер на Полска.

Ова денеска го изјави потпретседателот на партијата Цезариј Томчик.

Официјалните изборни резултати, објавени денеска, покажуваат дека полската владејачка партија Право и правда освоила најмногу гласови на парламентарните избори одржани во неделата, но нема мнозинство за формирање влада.

„Доналд Туск е природен кандидат за премиерската функција“, изјави Томчик од опозициската КО.

Томчик додаде дека неговата партија сака преговорите за владејачката коалиција да се одржат што е можно поскоро.

„Ние сме во контакт со лидерите на другите партии“, рече тој.

Туск беше премиер на Полска од 2007 до 2014 година.

Претходно полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека ќе и предложи формирање нова влада на партијата Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински, која освои најмногу гласови на парламентарните избори во неделата.

Врз основа на 100 отсто преброени гласови, ПиС, националистичка, социјално конзервативна партија, освои 35,38 отсто од гласовите, додека опозициската либерална Граѓанска коалиција (КО) на поранешниот премиер Туск беше втора со 30,70 отсто од гласовите.

Центристичката партија Трет пат освои 14,40 отсто од гласовите, а Нова левица 8,61 отсто.

Крајнодесничарската Конфедерација доби 7,16 отсто од гласовите.

Граѓанската коалиција, Нова левица и Трет пат најавија дека се подготвени да формираат коалициска влада и ќе почнат разговори кога ќе бидат објавени официјалните резултати.

КО и сојузниците ќе имаат и мнозинство од 100 места во Горниот дом на Парламентот, Сенатот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.