Глобалната побарувачка на нафта ќе забави во 2023 година, изјавија претставници на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и извори од индустријата, бидејќи порастот на цените на нафтата и горивото ја поттикнува инфлацијата и ја задушува светската економија.
Потрошувачката на гориво закрепна по падот во пандемијата во 2020 година и оваа година се очекува да ги надмине нивоата од 2019 година и покрај рекордните цени.
Сепак, високите цени негативно се одразија на проекциите за раст оваа година и доведоа до заклучок за побавен раст во 2023 година.
ОПЕК треба да ја објави својата прва прогноза за следната година во јули.
Групата проценува дека глобалната побарувачка во 2023 година ќе порасне за два милиони барели дневно или помалку, што би било зголемување од само два отсто во споредба со очекуваните 3,36 милиони барели дневно оваа година, изјави делегатот на ОПЕК и извор запознаен со размислувањата во нафтениот картел.
– Дури и да расте само милион барели дневно, тоа сепак ќе биде раст, а не максимум, рече делегатот за изгледите за следната година.
ОПЕК ќе ја објави прогнозата во месечниот извештај на 12 јули, изјави извор од организацијата.
Во својата прва прогноза за оваа година, објавена во јули минатата година, ОПЕК прогнозираше раст на побарувачката за 3,28 милиони барели дневно. Потоа го зголеми на повеќе од четири милиони, а потоа го намали на 3,36 милиони.
Организациите како ОПЕК и ИЕА често ги менуваат проценките поради промените во економските перспективи и геополитичката несигурност, што оваа година ја вклучува и руската инвазија врз Украина и заклучувањето во Кина поради постојаното ширење на коронавирусот.
Во моментов, нафтениот картел бара можни индикации дека високите цени ја уништуваат побарувачката.
Двајца делегати на ОПЕК одделно процениле дека високите цени веројатно ќе ја ограничат потрошувачката на нафта во наредните месеци, но еден рече дека сè уште нема знаци за тој тренд во САД, цитирајќи нови податоци за побарувачката на бензин.
И висок извор во трговска компанија, која не е поврзана ниту со ИЕА, ниту со ОПЕК, очекува послаб раст на побарувачката во 2023 година, за два милиони барели дневно или помалку, во споредба со 2,6 милиони барели дневно оваа година. Но, тој верува дека цените веќе ја уништуваат побарувачката.
– Цената од 120 долари за барел ја уништува побарувачката. Тоа веќе се случува, рече тој. јт/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.