Мартин Грифитс, заменик-генерален секретар за хуманитарни прашања и координатор за вонредни ситуации на ОН, рече дека ситуацијата во северниот дел на Појасот Газа е „ужасна“, истакнувајќи дека телата на починатите се оставени на улиците и дека луѓето се на работ на глад.
„Колегите кои успеаја да стигнат на север во последните неколку дена опишуваат сцени на екстремен хорор – лешеви оставени на патот. Луѓето со очигледни знаци на глад ги запираат камионите во потрага по се што може да им помогне да преживеат. Дури и кога луѓето би можеле да се вратат дома, многумина веќе немаат домови во кои да одат“, рече Грифитс на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Тој предупреди дека ризикот од глад расте од ден на ден, бидејќи залихите на храна и вода се при крај, додека здравствениот систем е „во состојба на колапс“, пренесува Си-Ен-Ен.
Жените не можат безбедно да раѓаат, а децата не можат да се вакцинираат, додека случаите на заразни болести и луѓе кои бараат засолниште во дворовите на болниците се во пораст, рече Грифитс.
Тој додаде дека напорите на неговиот тим да испрати хуманитарни конвои на север „наидоа на одложувања, забрани и наметнување невозможни услови“, додека „непочитувањето на системот за известување го става на ризик секој чекор на хуманитарните работници“.
Грифитс, исто така, нагласи дека пристапот на неговата агенција до Кан Јунис е ограничен, а Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања и координација за вонредни состојби го обвини Израел за задржување на клучните резерви за палестинската енклава.
„Наредбите за евакуација се неумоливи. Како што копнените операции се движат кон југ, воздушните бомбардирања се интензивираа во областите каде на цивилите им беше кажано да се преселат заради нивна безбедност. Нема безбедно место во Газа. Достоинствен човечки живот е речиси невозможен“, рече Грифитс за политиката на Израел за охрабрување на палестинското население да ги напушти своите домови пред да ги прошири воените операции во различни региони на Газа.
Околу 1,9 милиони луѓе се раселени, некои повеќекратно, што претставува 85 отсто од населението во Газа, од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас, според Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа, организација на ОН за помош на Палестинците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.