Најмалку 21 лице починало од хипотермија во Пакистан, вклучително и девет деца, откако останале заглавени по обилните снежни врнежи во близина на планинско одморалиште. Властите соопштија дека голем број туристи останале заглавени во сообраќајниот метеж во текот на ноќта од 7 до 8 јануари поради снежните врнежи и студеното време во Мури, во источната провинција Пенџаб.

Министерот за внатрешни работи, шеикот Рашид Ахмед, во видео порака денеска рече дека околу 1.000 возила се блокирани и дека властите работат на нивно ослободување. Тој рече дека многу луѓе починале во нивните автомобили.

Ахмед обвини дека причината за инцидентот делумно е поради невообичаено големиот број туристи кои патувале во градот зимско одморалиште, до кој пристапот честопати е блокиран од снег во зима.

Ахмед посочи и дека жителите на Мури обезбедувале храна и ќебиња за заглавените туристи, додавајќи дека администрацијата ги затворила сите правци до ридот и сега дозволува само возила што доставуваат храна и ќебиња. Покраинската влада во провинцијата Пенџаб прогласи вонредна состојба и во меѓувреме се очекуваат повеќе врнежи на снег.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.