Обединетите Арапски Емирати со закон ја забранија употребата на комерцијални дронови. Причината за забраната е загриженоста дека тие релативно лесно може да се претворат во „машини за убивање“. Емиратите ги забранија беспилотните летала без исклучок низ целата земја.
Министерството за внатрешни работи ја донесе ваквата одлука во саботата, една недела по нападот со дрон на нафтена фабрика и аеродром во Абу Даби, во којшто загинаа три лица. Нападот им се припишува на јеменските борци, а бил извршен со „балистички ракети и беспилотни летала опремени со експлозиви“.
За време на објавувањето на забраната, Министерството ја спомена „неодамнешната злоупотреба на беспилотни летала“, како и потребата „да се гарантира безбедноста на животот и имотот“.
Меѓу земјите кои ги имаат забрането комерцијалните беспилотни летала се и Куба, Ирак, Иран и Мароко.
Освен од дронови, постои загриженост и од роботи. Тоа е една од причините за покренување петиција на светско ниво за забрана на „роботите убијци“. Во 2015 година, Илон Маск, Ноам Чомски и Стивен Хокинг како стручни лица потпишаа отворено писмо во кое побараа ОН да ги забранат таквите роботи, нагласувајќи го тврдењето дека повеќето истражувачи на вештачката интелигенција немаат интерес да развијат оружје со вештачка интелигенција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.