Американскиот весник „Њујорк тајмс“ (НТ) поднел тужба против технолошкиот гигант „Мајкрософт“ и „ОпенАи“ (OpenAI), компанијата која стои зад популарниот чет-бот за вештачка интелигенција „ЧетГПТ“ (ChatGPT), тврдејќи дека се прекршуваат авторските права. Од весникот обвинуват дека имало неовластено користење на нивни објавени трудови и текстови за целите на обуката за вештачката интелигенција.

„Њујорк тајмс“ ја поднел тужбата во Њујорк, тврдејќи дека двете споменати компании незаконски ги користеле написите и истражувањата на весникот за да создадат производи со вештачка интелигенција кои сега му конкурираат.

Преку „Бинг чет“ на „Мајкрсофт“ (неодамна преименуван во „Копајлот“ (Copilot) и „ЧетГПТ“ на „ОпенАи“, обвинетите се обидуваат да ја искористат огромната инвестиција на „Тајмс“ во своето новинарство користејќи ја за создавање заменски производи без дозвола или плаќање. Оваа тужба има за цел да ги принуди (обвинетите) да одговараат за милијардите долари законски и стварни штети коишто ги должат за незаконско копирање и користење на единствените вредни дела на „Тајмс“, се вели во тужбата на издавачот.

Веб-страницата за технолошки вести „Д Верџ“ (The Verge) ја цитираше портпаролката на „ОпенАи“, Линдзи Хелд, која, во изјава испратена по електронска пошта, вели дека „тековните разговори со „Њујорк тајмс“ биле продуктивни и напредуваат конструктивно, па затоа „се изненадени и разочарани од ваквиот развој на настаните“.

Калифорнискиот старт-ап „ОпенАи“ го привлече вниманието на глобално ниво со својот текстуален робот „Чет ГПТ“, развиен со поддршка од „Мајкрософт“, кој може да одговори на прашања со есеи, поезија, компјутерски код и друга содржина. Неговото објавување во 2022 година го привлече вниманието на напредокот во вештачката интелигенција и поттикна дебати за можните последици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.