Новиот германски министер за финансии Јерг Кукис денеска изјави дека по распадот на германската владејачка коалиција, не планира да го замрзне буџетот за оваа година.

„Како што стојат работите, владата ќе може да ја помине оваа година без никакви проблеми“, рече Кукис.

Тој потврди дека за следната година ќе се состави предлог-буџет, бидејќи „нереално е Бундестагот да го усвои буџетот пред вонредните избори во март“.

Кукис додаде дека е премногу рано да се каже дали ќе бидат потребни дополнителни буџетски мерки во 2024 година, бидејќи средствата кои веќе не се потребни за субвенционирање на новите погони за производство на чипови на компанијата Интел може да се користат за покривање на буџетските недостатоци.

Минатата недела германскиот канцелар Олаф Шолц го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер, што доведе до колапс на владејачката коалиција.

Како што претходно денеска објавија германските медиуми, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Зелените и Слободната демократска партија (ФДП) предложија на 23 февруари да се одржат предвремени парламентарни избори.

Се очекува, Шолц да побара од Бундестагот гласање за доверба на владата на 16 декември. Очекуваниот пораз во гласањето за доверба ќе го поттикне процесот на нови избори.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.