Државното обвинителство во Норвешка денеска побара неонацистотот Андерс Бехринг Брејвик да биде задржан во затвор, истакнувајќи дека е исто толку опасен, колку и во времето кога уби 77 лица, во 2011 година.
Брејвик (42), кој тврди дека се одрекол од насилство, побара условно ослободување. Пред десет години тој беше осуден на казна затвор од 21 година, која може да се зголеми ако се процени дека тој е опасен за околината.
Брејвик е истиот злосторник кој ги повикуваше кај себе младите во Утоја, кои му поверуваа дека ќе им помогне, а тогаш пукаше во нив, кажа главната обвинителка Хулда Карлсдотир во судот во Телемарк.
Денеска заврши последниот ден од сослушувањето, кое од безбедносни причини се премести во спортската сала на затворот во Скиен, на југот од земјата, каде Брејвик ја отслужува казната.
На 22 јули 2011 година, десничарскиот екстремист прво активира бомба близу зградата на Владата во Осло и притоа уби осум лица. Потоа уби уште 69 лица, најголем дел од нив млади, пукајќи од огнено оружје во летниот камп за млади на островот Утоја.
Брејвик неделава изјави дека се одрекол од насилство. И понатаму ќе се залага за неонацистичките идеи, но, како што рече, на мирен начин.
Во манифестот што го објави пред нападите во 2011 година, Брејвик јавно призна дека ќе го искористи судењето како платформа за ширење на својата идеологија.
Пред тројцата судии тој упати нацистички поздрав, мафташе со пораки испишани на хартија и држеше долги идеолошки тиради.
Казната му беше изречена во 2012 година, по што следуваше периодото од најмалку десет години затвор пред да може да побара условно ослободување, што беше максимумот во тоа време.
Барањето на Брејвик, кој психијатарот и затворските власти го оценуваат како подеднакво опасен, како и во моментот на нападот, беше априори осудено на неуспех, пренесуваат француски медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.