Приходите од Суецкиот канал во Египет во 2021 година изнесуваат рекордни 6,3 милијарди американски долари, соопшти претседателот на Управата на Суецкиот Канал (СКА) Осама Рабие.
Минатогодишните приходи се за 12,8 отсто повисоки во однос на 2020 година. Водниот пат, исто така, постигна најголема годишна нето-тонажа од 1,27 милијарди тони, што е за 8,5 отсто повеќе од 1,17 милијарди тони во 2020 година.
Минатата година во двете насоки на каналот поминале 20.694 бродови, десет отсто повеќе од 2020 година.
Египет во ноември најави дека од февруари 2022 година ќе ја зголеми таксата за бродовите што минуваат низ каналот за шест отсто.
Суецкиот канал е од клучно значење за глобалната поморска трговија бидејќи овозможува пловидба меѓу Европа и Јужна Азија без да треба да се заобиколува Африка, со што се намалува растојанието на поморското патување меѓу Европа и Индија за околу седум илјади километри.
Околу 12 отсто од светската трговија минува низ овој вештачки канал, кој е главен извор на девизи за Египет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.