Ентони Рота, претседател на Долниот дом на канадскиот парламент, се извини што го величеше Јарослав Хунка, поранешен војник на нацистичката дивизија, кој доби голем аплауз и овации од парламентарците за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Рота се извини по бурната реакција на еврејската заедница, која ја осуди глорификацијата на Хунка (98), поранешен припадник на Првата украинска дивизија, позната и како Вафен-СС дивизија „Галиција“, доброволна нацистичка единица која за време на Втората светска војна се состоеше главно од доброволци со украинско потекло од Галиција.

За време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на канадскиот парламент во петокот, Рота го претстави Хунка како „украински херој“ кој се борел за независност на Украина од Русија.

Полната сала од канадски парламентарци одговори со овации, а Хунка стана да ги поздрави пратениците и гостите од Украина.

Последователно дознав повеќе информации поради кои жалам што решив да и оддадам почит на Хунка. Сакам јасно да кажам дека никој, вклучително и колегите парламентарци и делегацијата на Украина, не беа свесни за моите намери и моите зборови додека не ги изговорив – изјави Рота.

Тој истакна дека особено сака да го упати своето најдлабоко извинување до еврејските заедници во Канада и ширум светот.

Кабинетот на канадскиот премиер Џастин Трудо соопшти дека одлуката за покана и почестување на Хунка ја донела Кабинетот на претседателот на Долниот дом.

Претседателот на Долниот дом, Ентони Рота, се извини и ја прифати целосната одговорност за поканата и почестувањето на Хунка во парламентот. Тоа беше добра одлука – посочи портпаролот на премиерот Трудо.

На глорификацијата на Хунка во канадскиот парламент реагираше официјална Москва, но и опозицијата во Канада која ја обвинува владата за голем пропуст.

Длабоко загрижува фактот што таква личност, а преку неа и организацијата во која членуваше, доби овации во Долниот дом – изјави директорот на Центарот „Симон Визентал“, Ден Панетон за канадската Би-Би-Си. .

Панетон истакна дека врската со дивизијата Вафен-СС го прави Хунка соработник на нацистите.

За да бидеш дел од таква единица, мораше да се заколнеш на верност на Хитлер и да бидеш вклучен во масакрот на цивили. Не е важно дали тврдиш дека си борец против комунизмот. Сè уште си вклучени во нацистичката воена машина. Тоа те прави соучесник – нагласи Панетон и предупреди дека сите мора да бидат повнимателни во иднина.

Тој посочи дека верува оти солидарноста со Украина во борбата против руската инвазија е неверојатно важна, но истакна и дека поддршката за Киев не може да биде оправдување за толерирање или отворено величање на нацистите и нивните воени злосторства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.