Привремената забрана за увоз на жито од Украина во петте соседни земји од Европската Унија беше укината на 15 септември. Унгарија, Словачка и Полска – наближуваат парламентарни избори во последните две држави – еднострано ги продолжија своите забрани, спротивно на одлуката на ЕУ. Како резултат на тоа, Украина поднесе жалба до Светската трговска организација (СТО).

На 15 септември, Европската комисија одлучи да не ја продолжи забраната за увоз на жито од Украина – особено пченица, пченка, сончоглед и репка – што се однесуваше на соседите на таа земја кои се членки на ЕУ, Полска, Унгарија, Словачка, Романија и Бугарија.

Еден ден подоцна, Полска, Украина и Словачка воведоа свои ограничувања за увозот на жито и други стоки од Украина, наведувајќи ја потребата да ги заштитат нивните земјоделци од конкуренцијата поради значително зголемениот увоз од Украина.

Украина и Европската Комисија ги повикаа трите земји да отстапат од едностраното продолѓување на ембаргото. Комисијата ги анализираа мерките преземени од трите ЕУ земји, изјави портпаролка на Комисијата.

Киев во меѓувреме поднесе жалба до СТО против трите земји. Европскиот комесар за земјоделство од Полска, Јануш Војчиеховски, изјави дека бил „прилично изненаден што Украина го одбрала овој пат“, со оглед на тоа дека обемот на извозот значително пораснал во последните неколку месеци и покрај ограничувањата.

„За нас, во принцип е важно да докажеме дека поединечни земји-членки не може да воведат забрана за увоз на украински стоки“, изјави вицепремиерката и министер за економија на Украина, Јулија Свириденко.

За време на говорот во рамки на Генерално собрание на Обединетите Нации, Претседателот на Украина, Володомир Зеленски, рече дека „политичкиот театар“ околу увозот само би ѝ помогнал на Москва.

„Привремена солидарност“ не е доволна, мора да преовладува обединетост на внатрешниот пазар

Во понеделникот, министрите за земјоделство на блокот се состанаа за Советот на ЕУ за земјоделство и рибарство, каде некои од нив изразија загриженост за забраните од Варшава, Братислава и Будимпешта, додека останатите ги разбраа нивните одлуки.

„Верувам дека не е само погрешно, туку е и спротивно на правото на Заедницата и очигледно на принципите на внатрешниот пазар, некои земји-членки да усвојат еднострани рестриктивни мерки“, истакна шпанскиот министер за земјоделство, Луис Планас, кој претседаваше со состанокот.

Посочи дека ЕУ-27 ја бранеле потребата да се зачува единството во одбрана на Украина во однос на „едностраните“ забрани за увоз на жито и дека тие повикале да се преземат мерки „со консензус на сите“.

Министерката за земјоделство на Словенија, Ирена Шинко, исто така, изрази загриженост за едностраните мерки и ја поддржа важноста на обединет пристап на ЕУ. Министерот за земјоделство на Германија, Џем Оздемир, го критикуваше потегот на владите на Варшава, Будимпешта и Братислава како „привремена солидарност“ со Украина. „Не гледам како ова може да се усогласи со законодавството на ЕУ“ додаде тој, велејќи дека неговите информации покажале дека пазарот добро се справува со украинското жито.

Неговиот австриски колега, Норберт Точниг, ја повика ЕУ да го обезбеди функционирањето на внатрешниот пазар, нагласувајќи ја солидарноста со Украина, но покажа и разбирање кон соседните земји.

Инфраструктурата треба да се прошири за житото увезено од Украина да стигне каде што треба – на пример до земјите на Блискиот Исток и Африка, нагласи Точниг.

Патишта на солидарност, грижа за глобалните резерви на жито

Украина, како значителен производител на жито, тешко се справува со извозот на храна поради руската блокада на пристаништата на Црното Море, што предизвика глобална загриженост за резервите на жито. Поради тоа ЕУ стана главен транзитен пат и дестинација за извоз на украинско жито за Африка и Блискиот Исток. Во средината на јули, Русија го напушти Црноморскиот договор за жито, кој претходно и овозможуваше на Украина да го извезува житото преку пристаништата на Црното Море и ги засили нападите врз украинските капацитети за извоз.

ЕУ ги зајакна другите таканаречени „Патишта на солидарност“ преку копно и по реките што се користеа за извоз на преку 44 милиони тони жито од Украина по руската инвазија.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека е испратена јасна порака до раководството на Украина, додавајќи дека Хрватска би сакала да биде транзитна земја, а не земја во која ќе има наплив на огромни количества евтини житарки кои би можеле да предизвикаат проблеми за локалните земјоделци. На почетокот на месецот, украинските функционери потврдија дека украинските житарки се извезуваат преку хрватските пристаништа на реката Дунав и Јадранско Море.

„Иако станува збор само за спореден трговски пат, тој е веќе популарен”, изјави Јулија Свириденко.

Мерки, протести, страв и жито

Првично, мерката на ЕУ за привремена забрана за увоз беше воведена во април и продолжена во јуни до средината на септември. Соочени со падот на цените на локалните пазари и гневните Европски земјоделци, забраната беше усвоена како одговор на доцнењата со транспорт и насобраното жито, кои предизвикаа нарушувања на пазарот во петте источноевропски земји.

Според Европската комисија, овие нарушувања сега „исчезнаа“, со што привремените ограничувања „веќе не се потребни“. Оваа одлука беше донесена откако Киев се согласи да воведе нови мерки, како на пример систем за лиценцирање на извоз во рок од 30 дена за „да се избегне наплив на жито“, изјави Европската комисија.

Министерот земјоделска политика и храна на Украина, Микола Солски, кој се обрати преку видео на земјоделскиот состанок на ЕУ рече

„Сметаме дека овие мерки ќе ги задоволат сите страни. И дека дури и оние три земји кои во моментов се противат на украинскиот земјоделски извоз, ќе се согласат на планот. Затоа што сите имаме една цел, а тоа е победа во оваа ужасна војна. И за таа цел, мораме да имаме меѓусебно разбирање и меѓусебна поддршка“.

Веднаш по истекувањето на забраната на ЕУ, Унгарија најави дека ја затвора границата за 24 украински продукти, од претходните четири.

Популистичката десничарска влада на Полска, партијата „Право и правда“, веднаш по примерот на Унгарија воведе ембарго на жито од Украина. Овој проблем е особено деликатен поради претстојните избори во Полска, бидејќи актуелната влада има силна поддршка од земјоделските региони и тоа придонесе за расправиите помеѓу Варшава и Киев. „Ги предупредувам украинските власти: ако конфликтот ескалира, ќе забраниме увоз и на други производи на полска територија“, истакна полскиот премиер, Матеуш Моравјецки. Сепак, тој увери дека Полска – клучен сојузник на Украина – ќе продолжи да му помага на својот сосед, но „не по цена на дестабилизација на полскиот пазар“.

По првичното недоразбирање околу забелешките на премиерот во врска со испораката на оружје во средата, владин портпарол во четвртокот појасни дека „во врска со прашањата за испорака на оружје, би сакал да информирам дека Република Полска ќе ги изврши само претходно договорените испораки на муниција и вооружување. Вклучувајќи ги и оние кои произлегуваа од потпишаните договори со Украина“.

Словачка првично, исто така, објави дека ќе го забрани увозот на четири стоки, вклучително и пченица, до крајот на годината.

„Нашиот став е дека ќе примениме еднострани мерки сè додека не се оцени системот на гаранции од Украина и има гаранции дека извозот е под контрола“, рече словачкиот министер за земјоделство, Јозеф Береш.

Понатаму тој изјави дека Европската комисија требало да воведе преоден период за тестирање на системот за да се оцени неговата ефикасност и дали може да го спречи неконтролираниот увоз пред укинувањето на мерките.

Но, министерот посочи дека и покрај новонастанатата ситуација, поддршката за Украина и транзитот на жито од таа земја до светските пазари останува. Во четвртокот, Украина и Словачка се согласија да воспостават систем за лиценцирање за трговија со жито што ќе овозможи да се укине забраната за извоз. На 30 септември се закажани предвремени парламентарни избори во Словачка за избор на нови членови на Националниот совет.

Бугарија се издвојува од своите регионални соседи: многу од производителите на сончогледово масло се пожалија на сериозниот недостиг на семиња и високи цени како последица на ембаргото. Но, земјоделците во таа земја се незадоволни од одлуките на владата за истекот на забраната. „Преработувачките погони увезуваат поевтини житарки од Украина, додека нашите трошоци трикратно се зголемија од почетокот на војната“, рече земјоделецот Јасен Наков на протестот.

Земјоделските организации објавија список до пет барања и на 20 септември постигнаа договор со кој владата вети дека ќе го забрани увозот на сончоглед од Украина додека не се договорат увозните квоти. Владата, исто така, се согласи да воведе режим за лиценцирање за увоз на пченица, пченка и репка, да ги скрати роковите за исплата на субвенции и да ги намали административните трошоци на земјоделците.

Во Романија, преку која поминуваат најголемите количества на украинско жито, земјоделските организации ги прекинаа протестите во исчекување на спроведувањето на украинскиот акциски план. Претставници на земјоделските организации веруваат дека, во овој период нема да има никаков увоз од Украина. Тие упатија јасни барања до владата, која е задолжена за процедурата за лиценцирање. Доколку не се почитуваат одлуките, Романија ќе преземе едностран чекор да го забрани увозот од Украина. Земјоделците изјавија дека во спротивно би одговориле со „големи протести“.


Содржината се заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.

Извор: МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.