Поранешниот американски претседател Доналд Трамп синоќа преку социјалните мрежи изјави дека против него е покренато ново обвинение, за што неговите адвокати биле информирани од администрацијата на актуелниот претседател Џо Бајден.

„Коруптивната администрација на Бајден ги извести моите адвокати дека сум обвинет“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.

Трамп претпоставува дека новото обвинение е за доверливите документи што беа пронајдени на неговиот имот на Флорида, по завршувањето на претседателскиот мандат.

Според него, тој мора во вторник да се појави во судот во Мајами, но поранешниот претседател не даде докази за напишаната изјава.

Британските медиуми не беа во можност веднаш да ги потврдат деталите за напишаното, а адвокатите на Трамп не беа достапни за коментар.

Трамп претходно беше обвинет од Канцеларијата на окружното обвинителство на Менхетен за фалсификување деловни досиеја во врска со пари исплатени за порно ѕвезда во замена за молчење за аферата пред претседателската трка во 2016 година.

Министерството за правда истражува дали Доналд Трамп ги злоупотребил доверливите документи што ги чувал откако ја напушти функцијата во Белата куќа на почетокот на 2021 година.

Пред речиси една година, истражителите запленија приближно 13.000 документи од имотот на Трамп во Мар-а-Лаго, на Палм Бич, во Флорида. Околу 100 од нив се класифицирани како доверливи, иако еден од адвокатите на Трамп претходно изјави дека сите доверливи записи се вратени.

Трамп се бранеше дека ги задржал документите, сугерирајќи дека ги декласифицирал додека бил претседател. Сепак, тој не обезбеди докази за тоа, а неговите адвокати не го искажаа тој аргумент во судските поднесоци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.