Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ја поздрави Резолуцијата на Генералното собрание на ОН донесена синоќа со која се осудуваат руските „обиди за нелегална анексија” на четирите делумно окупирани региони во Украина и се повикуваат сите земји во светот да не ги признаваат тие територии како дел од Русија.
Тоа е многу силна порака која јасно ги осудува незаконските руски дејствија и повикува на поништување на одлуките. Ова покажува дека мораме да го заштитиме меѓународниот поредок, додаде Столтенберг.
Според него, важно е земјите од НАТО да и пружат невидена поддршка на Украина. Генералниот секретар истакна дека пактот ќе ја поддржува Украина се додека е потребно.
-Ќе ја зголемиме поддршката, особено со обезбедување повеќе средства за воздушна одбрана, додаде тој во изјавата пред почетокот на вториот ден од дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, изјави дека САД целосно ги поддржуваат одредбите на Членот 5 од Вашингтонскиот договор и се подготвени да ја бранат секоја педа земја на НАТО „кога и доколку биле потребно”.
Ќе продолжиме со напорите за поддршка на Украина се додека е потребно, додаде тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.