Најмалку 18 лица се убиени, а 30 се повредени при терористички напади во североисточната нигериска држава Борно, соопшти локалната служба за итни случаи.

Од пред 15 години, Борно е подложен на напади од исламистички групи кои убија илјадници локални жители и принудија милиони да ги напуштат своите домови. Иако нигериската армија успеа да го ограничи капацитетот на исламистичките борци, тие сè уште извршуваат смртоносни напади врз цивили и напаѓаат припадници на безбедносните сили.

Раководителот на Агенцијата за управување со итни случаи во државата Борно, Баркиндо Саду, изјави дека вчера имало три одделни напади во градот Гвоза. Напаѓачи-самоубијци нападнале учесници на свадбена церемонија, луѓе собрани на погреб, како и болница во градот Гвоза. Саду посочи дека засега е потврдена смртта на 18 лица, меѓу кои две деца и бремена жена, а повредени се најмалку 30 лица.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападите, но најактивни терористички групи во Борно се „Боко Харам“ и „Исламска држава – провинција Западна Африка“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.