Британскиот принц Хари ќе добие отштета од околу 180.700 долари, откако Високиот суд во Лондон пресуди дека тој бил жртва на „ограничено“ хакирање на телефони и други незаконски информации кои биле собирани од страна на новинари на британски таблоиди.

Принцот – кој стана првиот висок британски кралски член во последните 130 години кој сведочел на суд кога се појави како клучен сведок на судењето во јуни – ги тужеше Мирор груп њузпејперс (МГЊ), издавач на Дејли мирор, Сандеј мирор и Сандеј пипл.

Хари и околу 100 други тужители – вклучувајќи актери, спортски ѕвезди, познати личности и луѓе кои едноставно имале врски со истакнати луѓе – поднеле тужба поради наводите за хакирање на телефони и незаконско собирање на информации помеѓу 1991 и 2011 година.

Хари рече дека бил мета на Мирор груп њузпејперс 15 години од 1996 година и дека повеќе од 140 стории што се појавиле во нивните весници биле резултат на нелегално собирање информации, иако судењето разгледувало само 33 од нив.

„Открив дека 15 од 33-те текстови кои се предмет на судењето се производ на телефонско хакирање на неговиот мобилен телефон или на мобилните телефони на неговите соработници или производ на друго незаконско собирање информации“, рече судијата Тимоти Фанкурт.

„Верувам дека телефонот му бил хакиран само во ограничена мера и дека веројатно тоа било внимателно контролирано од одредени луѓе во весниците“.

Судијата заклучи дека имало широко распространето хакирање и незаконски активности во весниците за кои биле запознаени високи директори, иако речиси сите во одборот на компанијата не биле информирани. МГЊ, во сопственост на Рич, тврди дека наводите не се поткрепени со докази.

„Ја поздравуваме денешната пресуда, која на компанијата ѝ дава јасност што ѝ е потребна за да продолжи по настаните од пред многу години“, рече портпаролот на МГЊ.

„Онаму каде што се случи историска неправда, ние безрезервно се извинуваме, преземаме целосна одговорност и плаќаме соодветна отштета“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.