Рускиот премиер Михаил Мишустин денеска изјави дека земјата се соочува со „предизвик за нејзината стабилност“ и мора да остане обединета околу претседателот Владимир Путин, откако во саботата пропадна бунтот на силно вооружените платеници.
Според договорот во саботата вечерта со кој се ублажи кризата и се спречи можното крвопролевање, Кремљ објави дека платениците на групата „Вагнер“ ќе се вратат во нивните бази, а нивниот лидер Евгениј Пригожин ќе замине во Белорусија. Кремљ додаде дека сите кривични пријави против него и неговите борци ќе бидат отфрлени.
Во веројатно првиот говор на висок руски функционер по постигнувањето на договорот, Мишустин апелираше за национално единство пред, како што рече, „напорите на Западот да ја поткопа Русија“.
Во овие услови, главната работа е да се обезбеди суверенитетот и независноста на нашата земја, безбедноста и благосостојбата на граѓаните. За ова е особено важна консолидацијата на целото општество, мора да дејствуваме заедно како еден тим и да го одржиме единството на сите сили, собрани околу претседателот, рече премиерот на владината седница.
Поранешниот шеф на руската Федерална даночна служба го нападна Западот.
Како што истакна претседателот, речиси целата воена, економска, информативна машина на Западот е насочена против нас, изјави тој.
Во саботата, Путин рече дека бунтот на платениците на „Вагнер“ го загрозува самото постоење на Русија и вети дека ќе ја уништи. Сепак, рускиот претседател јавно не ги коментираше драматичните настани во земјата потоа, ниту договорот постигнат со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.