Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок денеска ќе се консултира со своите колеги од групата индустриски најразвиени земји Г7 за глобалните последици од руската војна против Украина, јави ДПА.

Бербок ќе ги прими министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Италија, Јапонија, Велика Британија, САД, во хотелски комплекс на Балтичко Море во Шлезвиг-Холштајн. Во план е и работна вечера.

Германското Министерство за надворешни работи информира дека ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Украина и Молдавија, Дмитро Кулеба и Нику Попеску.

Предвидено е министрите да дискутираат за енергијата, безбедноста на храната и други аспекти од војната, но и да се свртат кон релациите со Кина, како и кон ситуацијата во Индо-Пацификот.

На агендата се и ситуацијата во Авганистан, Африка и Блискиот Исток, како и заедничката борба против климатската криза и пандемијата од коронавирусот.

Германија во моментов претседава со групата Г7. Самитот на Г7 ќе се одржи од 26 до 28 јуни во Баварија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.