Поранешниот руски претседатели актуелен заменик шеф на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, денеска предупреди дека конфликтот на Москва со Западот ќе трае со децении, додека конфликтот со Украина може да стане постојан.
Медведев, кој некогаш на Запад се сметаше за либерален модернизатор, е еден од најистакнатите руски јастреби откако Москва лани во февруари ја почна својата инвазија на Украина и неговите ставови одразуваат дел од размислувањата на највисокото ниво на Кремљ, сметаат руските официјални лица.
Во напис за владиниот весник „Росијскаја газета“, Медведев напиша дека тензиите меѓу Русија и Западот се „многу полоши“ отколку за време на кубанската ракетна криза во 1962 година, кога светот беше на работ на нуклеарна војна.
Нуклеарна војна беше „сосема веројатна“, но тешко дека ќе има победник, напиша Медведев, кој постојано повторува дека поддршката на Западот за Украина ги зголемува шансите за нуклеарен конфликт.
Тој посочи дека меѓу Русија и Западот има остри разлики во однос на Украина, насоката по која оди човештвото и начинот на кој е структуриран светскиот поредок.
„Постои едно нешто што политичарите од сите бои не сакаат да го признаат: таква апокалипса не само што е можна, туку и многу веројатна“, напиша Медведев.
Западните аналитичари сметаат дека „штракањето на Медведев со нуклеарното оружје“ е тактика која има за цел да го заплаши Западот за да ја намали својата воена помош за Украина за официјален Киев да може да почне мировни преговори со Москва.
Медведев истакнува дека Москва останува посветена на спречувањето на членството на Украина во НАТО.
„Нашата цел е едноставна – да ја елиминираме заканата од членството на Украина во НАТО. Ќе го постигнеме тоа – на овој или оној начин“, рече тој.
Со оглед на правилото на НАТО да не се примаат земји вклучени во територијални конфликти, Медведев тврди дека конфликтот со Украина може да стане „траен“ со оглед на неговата егзистенцијална природа за Москва.
„Единствениот начин за деескалација на тензиите меѓу Русија и Западот е да се почнат тешки преговори“, напиша Медведев и додаде „конфликтот ќе биде многу долг, а предоцна е да се скротат непослушните“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.