Заменик претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев во текст насловен „Петок 13. Што ќе биде понатаму или Светот по антируските санкции (воопшто не е прогноза)“ наведува дека следат низи кризи и судири и уривање на идејата за свет фокусиран на Америка.

Поранешниот руски претседател и близок сојузник на актуелниот шеф на руската држава посочува дека поради санкциите кон Москва ќе има енергетски, логистички, прехранбени и други кризи во светот.

Како резултат на тоа, ќе се создаде нова безбедносна архитектура во која постојните реалности ќе бидат де факто, а потоа де јуре ќе се препознаваат: а) слабоста на западните концепти за меѓународните односи како што се „редот заснован на правила“ и друго бесмислено западно ѓубре, б) колапс на американско-центричниот свет; в) присуство на интереси кои ги почитува светската заедница во оние земји кои се во акутна фаза на конфликт со западниот свет – истакна Медведев.

Тој потенцира дека санкциите кон Русија ќе доведат до уништување на многу глобални синџири на снабдување и оти е можна голема логистичка криза, вклучително и колапс на странски авиокомпании, на кои им беше забрането да летаат над руска територија. Тој исто така предвидува и енергетската криза.

Цената на фосилните горива ќе продолжи да расте, а развојот на дигиталната економија во светот ќе забави – посочува Медведев.

Според него санкциите ќе имаат негативно влијание и врз глобалниот финансиски состав, што ќе резултира со евентуална монетарна и финансиска криза и галопирачка инфлација.

Медведев наведува дека следат и нови регионални воени судири, а терористите ќе бидат се поактивни бидејќи западните власти се насочени кон пресметка со Русија.

Најверојатно ќе има и нови епидемии предизвикани од одбивањето на фер меѓународна соработка во санитарната и епидемиолошката сфера или директните последици од употребата на биолошко оружје, посочува Медведев.

Тој заклучува дека „ќе се создадат нови меѓународни сојузи помеѓу земјите засновани на прагматични, а не идеолошки англосаксонски критериуми“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.