Медведев: Нуклеарна апокалипса не само што е можна, туку е и веројатна

Свет 03.07.2023 / 14:55

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев предупреди дека конфликтот на Москва со Западот ќе трае со децении, додека конфликтот со Украина може да стане траен. Медведев, кој некогаш на Запад се сметаше за либерален модернизатор, е еден од најистакнатите руски јастреби откако Москва ја започна својата инвазија на Украина минатата година, пишува Ројтерс.

Тој сега е заменик-шеф на Советот за безбедност на Русија, а неговите ставови одразуваат дел од размислувањата на највисоко ниво во Кремљ, според руските власти. Во написот за владиниот весник „Росијскаја газета“, тој напиша дека тензиите меѓу Русија и Западот се „многу полоши“ отколку за време на кубанската ракетна криза во 1962 година, кога светот беше на работ на нуклеарна војна.

Нуклеарна војна е „сосема веројатна“, но мала е веројатноста во неа да има победник, напиша Медведев, кој постојано повторува дека поддршката на Западот за Украина ги зголемува шансите за нуклеарен конфликт. Тој посочи дека има остри разлики во однос на Украина, насоката на движењето на човештвото и начинот на кој е структуриран светскиот поредок.

„Постои едно нешто што политичарите од сите слоеви не сакаат да го признаат: таквата апокалипса не само што е можна, туку е и многу веројатна“, напиша Медведев. Западните аналитичари ги гледаат заканите со нуклеарно оружје на Медведев како тактика со цел да се заплаши Западот да ја намали воената помош за Украина за Киев да може да започне мировни преговори со Москва.

Медведев истакна дека Москва останува посветена на запирањето Украина да влезе во НАТО. „Нашата цел е едноставна – да ја елиминираме заканата од членството на Украина во НАТО. Ќе го постигнеме тоа – на овој или оној начин“, рече тој.

Со оглед на правилото на НАТО да не се примаат земји вклучени во територијални конфликти, Медведев тврди дека конфликтот со Украина може да стане „траен“ со оглед на неговата егзистенцијална природа за Москва.

Единствениот начин за деескалација на тензиите меѓу Русија и Западот е да се започнат тешки преговори, напиша Медведев. „Конфликтот ќе биде многу долг и предоцна е да се скротат непослушните“, напиша Медведев. „Конфликтот ќе трае со децении“, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.

Најнови вести