Шефот на руската делегација во преговорите со Украина, Владимир Медински денеска изјави дека двете страни се приближиле до договор за неутрален статус на Украина.

Медински, кој го предводеше рускиот тим во неколку рунди преговори со Украина, истакна дека страните ги намалиле разликите по прашањето за откажување на Украина од членството во НАТО и прифаќање на неутрален статус.

Прашањето за неутралниот статус на Украина и нејзиното неприклучување во НАТО е едно од клучните прашања во преговорите, а тоа е прашањето каде страните ги приближија своите позиции што е можно повеќе – потенцира Медински.

Според него Москва и Киев сега се на „половина пат“ по прашањето за демилитаризација на Украина. Тој додаде дека Киев инсистира на реинтеграција на сепаратистичките региони во Источна Украина, поддржани од Русија и дека Москва смета дека на жителите на тие области мора да им се дозволи сами да си ја одредат судбината.

Медински посочи и дека е можна средбата меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Владимир Зеленски, но откако преговарачите ќе го финализираат нацрт-договорот за прекин на воените дејствија и кога ќе биде одобрен од владите на двете земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.