Американскиот претприемач и милијардер Илон Маск верува дека Кина е заинтересирана за кооперативна меѓународна рамка за регулирање на вештачката интелигенција – ВИ, по дискусиите што ги имал со кинески високи претставници пред неколку недели. Ова Маск го објави на средба на „Твитер спејс“ со двајца американски конгресмени – демократот Ро Кана и републиканецот Мајк Галагер.

Маск пред неколку недели отпатува во Кина, каде што неговата компанија за електрични автомобили „Тесла“ има фабрика (погонот е во Шангај). Во Пекинг тој имал средба со министрите за надворешни работи, трговија и индустрија на Кина, како и со потпретседателот на кинеската Влада, Динг Шјуешјанг. По овие состаноци, Маск минатиот месец рече дека кинеските власти ќе се обидат да иницираат регулативи за ВИ во Кина.

Неколку држави размислуваат за поголема безбедност и како да ги ублажат опасностите од новата технологија, којашто бележи „бум“ во инвестициите и популарноста кај потрошувачите последниве месеци, по објавувањето на „Чет-ГПТ“ на „Опен-АИ“.

Револуционерноста на ВИ којашто може да создава текст, слики, видеа, и нејзиното можно влијание врз иднината се споредува со она на Интернетот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.