Претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва вчера на вториот, последен ден од неговата посета на Кина истакна дека САД мора да престанат да „охрабруваат војна“ во Украина и „да почнат да зборуваат за мир“.

Тој истакна дека меѓународната заедница треба да ги убеди рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски дека мирот е во интерес на целиот свет, истакна Лула.

Неопходно е трпение за да се разговара со Путин и Зеленски. Но, пред сè, треба да ги убедиме земјите што доставуваат оружје и промовираат војна да престанат да го прават тоа, посочи Лула.

Посетата на Лула на Кина е со цел да се зајакнат економските врски на Бразил со нејзиниот главен трговски партнер. Тој наведе дека Бразил се „врати“ на меѓународната сцена и оти се надева дека ќе има улога на посредник во конфликтот во Украина.

Лула на средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг истакна дека зајакнувањето на врските меѓу Бразил и Кина нема да им наштети на односите на неговата земја со САД.

Кина и Бразил никогаш не воведоа финансиски санкции кон Русија. Двете земји се обидуваат да се позиционираат како посредници.

Лула од Кина отпатува за Обединети Арапски Емирати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.