Белоруските власти објавија фотографии и видео од Александар Лукашенко, со цел да се стави крај на еднонеделните шпекулации за неговото здравје.
На видеото, според извештаите, се гледа како Лукашенко посетува воен контролен пункт, но неговата лева рака сега е во завој. Медиумите укажуваат и на неговиот зарипнат, исцрпен глас, кој наводно покажува дека е во лоша здравствена состојба.
Лукашенко не е виден во јавноста од минатиот вторник, кога присуствуваше на воената парада во Москва. Имаше гласини дека е хоспитализиран по враќањето во Минск, но тоа не можеше да се потврди.
Опозициската лидерка Светлана Тихановска, која побегна од земјата по изборите во 2020 година, во понеделникот им порача на своите поддржувачи да бидат „добро подготвени за секое сценарио“, пишува Гардијан.
Има многу гласини за здравјето на Лукашенко. За нас тоа значи само едно: треба да бидеме подготвени на секое сценарио. Да ја свртиме Белорусија на патот кон демократијата и да ја спречиме Русија да се меша. Ни треба меѓународната заедница да биде проактивна и брза, напиша таа.
Набргу потоа, канал поврзан со администрацијата на Лукашенко објави фотографии од белорускиот лидер во посета на воен команден центар, облечен во воена униформа и со левата рака во завој. После тоа објавија видео, наводно од истата посета, на кое тој одржува состанок за безбедносната состојба во државата.
Колку што разбрав, ситуацијата не е критична, но сепак е загрижувачка – рече тој, тешко зборувајќи на средбата со генералите.
Пред видеото од понеделникот, Лукашенко последен пат беше виден во јавноста на 9 мај, кога беше еден од неколкуте меѓународни лидери кои отпатуваа во Москва на воената парада на Денот на победата.
Потоа се појавија гласини дека тешко оди, а на сликата се гледа завој на десната рака. Тој го пропушти ручекот со Путин, а потоа уште една прослава во Минск во неделата поради гласините дека е примен во болница.
Податоците за следење на летот, според написите во медиумите, покажаа дека руски владин авион влегувал и излегувал од Минск во текот на викендот, но не е јасно кој се наоѓал во авионот и дали мисијата е поврзана со здравјето на Лукашенко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.