Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека неговата земја почнала да добива тактичко нуклеарно оружје од Русија, од кое некои се трипати помоќни од атомските бомби фрлени од САД на Хирошима и Нагасаки во 1945 година. Нуклеарни боеви глави со помал дострел, кои би можеле да се користат на бојното поле, Москва ги испраќа надвор од руската територија за првпат по распадот на Советскиот Сојуз.
„Имаме проектили и бомби што ги добивме од Русија“, рече Лукашенко во интервју за државната руска телевизија, објавено на каналот Телеграм на белоруската новинска агенција Белта.
„Бомбите се трипати помоќни од оние фрлени врз Хирошима и Нагасаки“, додаде тој.
Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, во вторникот објави дека нуклеарното оружје може да пристигне во Белорусија „за неколку дена“ и дека неговата земја има инфраструктура за ракети со голем дострел доколку некогаш е потребно.
Путин во петокот рече дека Русија ќе испрати оружје, врз кое ќе ја задржи контролата, откако Белорусија ќе ја подготви потребната инфраструктура. Во вторникот, Лукашенко рече дека Белорусија има неколку локации за ова кои датираат од советската ера и дека обновила пет или шест од нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.