Меѓународниот аеродром во Приштина синоќа добил закана дека во авионот кој летал од Рим кон косовската престолнина е подметната бомба, меѓуоа се испоставило дека дојавата е лажна, јави дописникот на МИА од Приштина.

Полициските власти информираа дека по приемот на дојавата, која стасала во време додека авионот бил во лет, била извршена контрола на авионот и на сиот багаж на патниците кои биле во него.

Информацијата предизвикала вознемиреност кај патниците, но нивната здравствена состојба е добра и набргу ситуацијата се смирила, објави шефот на полицијата на аеродромот „Адем Јашари“, Шпенд Малиќи.

– Околу 22 часот добивме информација за закана со бомба на летот од Рим за Приштина. Веднаш одговоривме со сите релевантни единици. Патниците беа евакуирани и е извршена контрола на авионот и на багажот, при што не е откриено ништо, изјави Малиќи за косовските медиуми.

Според него, во авионот имало околу 200 патници.

Инцидентот не предизвика доцнење на другите летови и работата на аеродромот набргу се нормализирала.

Изминатите недели имаше неколку лажни дојави за подметнати бомби во зградата на ректоратот на државниот универзитет „Хасан Приштина“, како и во едно средно училиште во косовскиот главен град. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.