Моделот на неутралност би можел да се смета за „компромис“, оцени портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој вели дека „опција за која се дискутира во моментов“ е неутралност на Украина по урнекот на Шведска или Австрија.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно оцени дека и покрај тешкотиите на разговорите со Украина постои можност за компромис. „Преговорите не се едноставни поради очигледни причини. Но, сепак, постои извесна надеж за компромис“, рече денеска (16.03.2022) Лавров за рускиот портал РБК.

Како што се вели од руска страна, сега сериозно се дискутира за неутрален статус на Украина, а околу некои формулации за договорот е речиси постигната согласност. Но, се додава и дека треба да се постигне согласност за безбедносни гаранции и демилитаризација на Украина, како и за правата на луѓето во Украина кои зборуваат руски и безбедноста на луѓето на истокот на земјата.

Според оценката на рускиот преговарач Владимир Медински, разговорите со Украина одат тешко и бавно. „Се разбира дека би сакале сѐ да се одвива многу побрзо, тоа е сериозна желба на руската страна. Сакаме мир што е можно побрзо“, изјави Медински за руската агенција Интерфакс. Тој додава дека Украина би морала да биде „мирна, слободна, независна и неутрална“ и да не биде членка на „воени блокови, да не биде членка на НАТО“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.