Кока-Кола Австрија ги информирала австриските власти дека нејзината анализа на полнењето минерална вода во погоните во Ромеркеле по случаите со ерозивни повреди во Хрватска не покажала никакви проблеми, а австриските власти спроведуваат независно испитување, јавија хрватските медиуми.

Ароматизираната минералната вода од Ромеркеле „Emotion Blueberry Pomegranate“ во шише од 330 милилитри е произведена за хрватскиот пазар и не е достапна во Австрија, нагласуваат од компанијата во вчерашното соопштение за јавноста.

Кока-Кола Австрија детално ги информирала австриските власти за внатрешната истрага во погонот која не открила никакви проблеми во полнењето и испратила примероци во независна, акредитирана лабораторија за дополнителна проверка. Австриските власти вчера одделно извршија испитувања во производствен погон во сојузната држава Бургенланд (Градишче) за да ги потврдат резултатите.

Хрватските власти синоќа испратиле информација до Европскиот систем за безбедност на храната (РАСФФ), која не содржи нови информации за изворот на повредите.

Според податоците што денеска ги објави хрватското Министерство за здравство, хрватските болници лекувале вкупно 34 лица поради сомнителни труења од газирани пијалаци. Кај четири лица се констатирани ерозивни повреди, две се хоспитализирани, а останатите се пуштени дома.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.