Германската влада постигна договор за нов Закон за државјанство, со кој се олеснува процесот на натурализација.

Според одредбите на новиот закон, германски пасош никогаш нема да можат да добијат лица кои направиле кривично дело поврзано со антисемитизам, расизам и слични дела од омраза.

Дополнителен предуслов за остварување на правото за добивање германско државјанство ќе биде лицето да може да заработува доволно за своите и потребите на семејството, без исплата на социјална помош, иако ќе бидат можни исклучоци.

Кој ќе стане германски државјанин, ќе мора да се посвети на живот во нашето слободно и разнолико општество. Но, кој не ги дели нашите вредности, не може да стане Германец, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Според новиот закон, се скратува траењето на минималниот престој за добивање германско државјанство од осум на пет години. Во случаите на успешна интеграција во германското општество, доволни ќе бидат и три години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.