Шпанската влада воведува „итни мерки“ за заштеда на енергија поради енергетската криза што ја надвладеа Европа по руската воена операција во Украина, пренесува „24.хр“.

Мерките предвидуваат, сите згради во јавниот сектор, трговските центри, кината, канцелариите, хотелите, станиците и аеродромите да не смеат во лето да ја спуштат температурата под 27 степени Целзиусови, додека во зима температурата нема да биде повисока од 19 степени Целзиусови.

Оваа одлука беше усвоена на состанокот на владата во Мадрид, а ја соопшти Тереза ​​Рибера, министерка за еколошка транзиција.

Рибера порача дека планираните мерки мора да се воведат по еднонеделен преоден рок по објавувањето во службен весник.

Рибера додаде дека тоа е почетен пакет кој е неопходен во „критична ситуација“.

На Европа и е потребна помош од Шпанија. Време е за солидарност – изјави таа.

Мерките, исто така, вклучуваат правила за продавниците и бизнисите да ги држат своите врати затворени со помош на автоматски систем што мора да се инсталира до 30 септември.

О владата велат дека целта на тоа е да се спречи топлиот или студениот воздух да излегува од веќе загреан или изладен простор.

Исто така, по 22 часот мора да се исклучи осветлувањето во неискористените канцеларии, излозите и спомениците, а во одредени згради ќе се почне со проверка на енергетската ефикасност.

Рибера апелираше до приватниот сектор да го зголеми уделот на работа од дома.

Шпанија ги презема овие и дополнителни мерки, кои треба да стапат на сила по летната пауза, за да ги исполни обврските преземени во европскиот план за итни случаи договорен минатата недела.

Земјата ќе се обиде да ја намали потрошувачката на гас за седум проценти.

Шпанија првично беше против планот на Европската комисија, но на крајот, откако доби отстапки, го одобри.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.