Кина соопшти дека наводниот шпионски балон, забележан над САД, е „цивилен воздушен брод“ што се користи главно за следење на времето, а кој ненамерно излегол од предвидениот курс на движење, јави Би-Би-Си.

Американските претставници од Министерството за одбрана рекоа дека веруваат дека балонот, виден над чувствителните области во последните денови, всушност е уред за „надзор од голема височина“.

Но, во соопштението, кинеското Министерство за надворешни работи рече дека се користи за „главно метеоролошки“ цели.

Кина претходно соопшти дека ги разгледува американските извештаи дека кинески шпионски балон бил забележан како лета над воздушниот простор на САД и повика на смиреност.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, претходно денеска изјави дека нема информации дали ќе се одржи планираната посета на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Кина.

-Кина е одговорна земја и секогаш строго го почитува меѓународното право и нема намера да ја нарушува територијата и воздушниот простор на која било суверена земја. Што се однесува до балоните, ја разгледуваме и проверуваме ситуацијата и се надеваме дека двете страни ќе се справат со тоа мирно и внимателно, рече Мао.

САД и Канада денеска соопштија дека следеле шпионски балон што летал на голема височина над Северна Америка и над чувствителни воени локации.

Пентагон синоќа соопшти за присуство на балон во воздушниот простор на САД, за кој се верува дека е кинески, а канадската Влада денеска објави дека истражува „уште еден потенцијален инцидент“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.