Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун наредил зајакнување на одбранбените капацитети на земјата, по состанокот со највисоки воени официјални лица, јавија севернокорејските медиуми.

Наредбата на севернокорејскиот лидер ја зголеми загриженоста за можно надополнување на одбранбените капацитети на Пјонгјанг со тактичко нуклеарно оружје, оценија британски медиуми.

Внимателно е следен состанокот на военото раководство во Пјонгјанг, поради наводните тврдења дека Cеверна Кореја може да го изврши својот прв нуклеарен тест по пет години, нешто за што американски, како и јужнокорејски, официјални лица предупредуваат оти може да се случи во секој момент.

Ким претседаваше со тридневната седница на осмиот пленум на Централната воена комисија. Таму највисоки официјални лица „ја поддржаа важната одлука за обезбедување воени гаранции со цел да се зајакне военото одвраќање на земјата – јави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

За време на состанокот, одлучено е Cеверна Кореја да ги зголеми оперативните должности на своите единици на првите линии со „важен план за воена акција“.

КЦНА не соопшти детали за планот, што очигледно е насочен кон Јужна Кореја, сметаат аналитичари од Сеул.

Cеверна Кореја можеше да додаде можна употреба на тактичко нуклеарно оружје во своите нови оперативни планови со оглед на користењето на терминот воено одвраќање, што се употребува за нуклеарни способности – изјави Хонг Мин, соработник на Корејскиот институт за национално обединување во Сеул.

КЦНА објави фотографии од највисоки официјални лица на Cеверна Кореја на состанокот со мапа на нешто што се чини како источниот брег на Корејскиот полуостров, каде се наоѓаат јужнокорејските нуклеарни централни, според британски медиуми.

Официјално лице од јужнокорејското Министерство за обединување смета дека изгледа како Пјонгјанг намерно да ја објави таа фотогрфија и оти веројатно, ќе има закани кон Сеул.

Во извештајот на КЦНА не се спомнува директно нуклеарна или балистичка програма на Cеверна Кореја – прецизира дека Ри Пјонг Чок, кој го води развојот на ракетната програма на Пјонгјанг, е избран за потпретседател на Централната воена комисија на партијата.

Прашан за состанокот на военото раковоство на Cеверна Кореја, јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол изјави дека Сеул подготвува „силен одговор“ на активностите на Пјонгјанг.

Cеверна Кореја годинава тестираше најголем број балистички проектили, вклучувајќи интерконтинентални балистички ракети, нови хиперсонични ракети и ракети со краток дострел потенцијално дизајнирани за тактичко нуклеарно оружје, пишуваат британски медиуми.

Во март, Cеверна Кореја тестираше интерконтинентална балистичка ракета способна да стигне до територијата на САД, кршејќи го мораториумот од 2018 година за такви ракетни тестови. Можна нова нуклеарна проба на Пјонгјанг, би била седма од тој вид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.