Благодарение на температурите, кои викендот се движеа околу 34 Целзиусови степени, стотици жители на Киев неработните денови ги поминаа на главната градска плажа, пишува Дејли Мејл.

Фотографиите направени на брегот на реката Днепар ги прикажуваат граѓаните на главниот град на Украина, кои за време на викендот ја посетија плажата за да пливаат, да играат одбојка, да се сончаат и да читаат.

„Украинска правда“ пишува дека Спасувачките служби на градот Киев во моментов бараат експлозивни направи на градските плажи и на дното на реката Днепар. На 8 јуни, градските власти објавија дека главната плажа во градот и плажата Венеција се „чисти“ и дека не се пронајдени експлозивни направи. Беше речено дека акцијата за чистење на јавните површини ќе трае две недели.

Откако украинските бранители ги одбија руските напади врз главниот град во текот на првиот месец од војната во Украина, Киев во голема мера само ја следи руската инвазија. Релативниот мир што владее во Киев граѓаните го искористуваат за да посетуваат кафулиња и ресторани и колку што е можно повеќе да живеат нормално, пишува весникот.

Навистина, дружењето и забавите мора да завршат до 23 часот поради полицискиот час, но полицијата е многу поблага отколку во раните фази на војната кога ризикот од паѓање на градот беше многу поголем. Често се слушаат воздушни сирени, но по нив ретко се слушаат експлозии, пренесуваат медиумите.

 

 

Добар дел од околу два милиони граѓани на Киев кои избегаа од градот поради руските напади сега се вратија во него.

Луѓето се чувствуваат благодарни, но се прашуваат дали прават доволно за да ѝ помогнат на земјата, вели Сњежана Вијалко за Асошиејтед прес, додавајќи дека таа и нејзиниот партнер Денис Корејба неодамна купиле јагоди од трговец со овошје на чиј штанд пред само неколку недели имаше контролен пункт со барикади и вреќи со песок.

Сè уште има контролни пунктови, но значително помалку од порано, а војниците стационирани на нив не се строги како порано. Градот изгледа повторно дише нормално.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.